Почна примената на Законот за финансиска дисциплина

 

На ден 1 мај 2014 година започна примената на Законот за финансиска дисциплина кој треба да ја подобри ликвидноста на стопанските субјекти.  Законот за финансиска дисциплина е изгласан во Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 27 декември 2013 година, на барање на бизнис заедницата. Според законското решение, отсега приватните субјекти, доколку не се обврзани со договор, ќе треба да ги почитуваат постоечките датуми на фактурите односно да извршат плаќање во рок од 30 дена. Во случај да се обврзат со потпишување договор ќе ги вршат плаќањата во рок од 60 дена, освен доколку двете страни не се договорат поинаку. Максималниот рок за намирување на обврските е до 120 дена. 

Zakon za Finansiska Disciplina

Исполнување на паричните обврски на субјектите од јавниот сектор од овој закон ќе се применуваат од 1.1.2016 година. Предвидено е дека од започнувањето со примената на Законот за финансиска дисциплина до 31.12.2014 таксативно наведените субјекти од јавниот сектор ќе мора да ги исполнат своите парични обврски во рок не подолг од 120 дена, а во периодот од 1.1.2015 до 31.12.2015 година да ги извршат паричните обврски за не повеќе од 90 дена. 

Со овој Закон се уредува навременото исполнување на парични обврски кои произлегуваат од реализација на деловни трансакции помеѓу економските оператори од приватниот сектор, односно помеѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор, заради спречување на неисполнување на паричните обврски во предвидените рокови согласно овој закон.

Законот за финансиска дисциплина можете да го преземете на следниот линк (овде).